МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ЧЕКА НА ЕУ, СЕ ПОВРЗУВА СО РЕГИОНОТ И ЕНЕРГЕТСКИ И ИНФРАСТРУКТУРНО Мицкоски и во Вашингтон повтори дека без гаранции од Брисел ќе нема нови отстапки
Стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави е партнерство градено со децении и Владата има јасна определба тоа дополнително да го продлабочува, рече синоќа премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред Атлантскиот совет во Вашингон, соопшти Владата.
Тој ги претстави стратешките приоритети на Владата, позицијата на државата во регионот, партнерството со САД, европската интеграција, како и плановите за економски, инфраструктурен, енергетски и технолошки развој на државата.
Мицкоски посочи дека Македонија е мала држава, но со исклучително значајна геостратешка позиција во срцето на Балканот, како природна крстосница на важни европски транспортни и енергетски коридори.
Премиерот нагласи дека политиката на Владата се темели на предвидливост и исполнување на преземените обврски. Во тој контекст посочи дека државата има јасен план и во однос на обврските како членка на НАТО, вклучително и постепено зголемување на издвојувањата за одбраната, но и за инвестициите во стратешката инфраструктура – автопати, железници и енергетски преносни системи.
Како еден од важните предизвици за иднината, Мицкоски ја посочи и сајбер-безбедноста.
– Владата, како дел од реформската агенда со Европската Унија, планира развој на примарен дата центар кој ќе ги поврзува јавните институции, ќе биде поврзан со постојниот секундарен центар за обновување на податоците и дополнително обезбеден преку клауд инфраструктура. Целта е државата да изгради посилен и поотпорен систем за заштита од современите сајбер-закани – рече премиерот.
Мицкоски пред Атлантскиот совет ја претстави и развојната стратегија на Владата која се темели на три меѓусебно поврзани столба – инфраструктура, енергетска инфраструктура и вештачка интелигенција и висока технологија.
– Амбицијата е Македонија да стане значајна енергетска и транзитна крстосница на Балканот. Интерконекторот кон Грција треба да овозможи поврзување со ЛНГ терминалот во Александрополис, додека со изградбата на интерконекторот кон Србија се создава можност овој енергетски правец да продолжи кон Централна Европа. Со завршувањето на двата проекти Македонија добива далеку поголемо регионално значење и можност да стане транзитна земја за снабдување со природен гас кон Централна Европа. Во исто време, развојот на гасната инфраструктура се поврзува и со идните инвестиции во производство на електрична енергија, дата центри, вештачка интелигенција и високотехнолошка индустрија – рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на инфраструктурните проекти, посочувајќи го значењето на Коридорите 8 и 10.
– Македонија се наоѓа на природната крстосница на овие два европски коридори – Коридорот 10 кој го поврзува Медитеранот и Егејското Море со Централна Европа и Коридорот 8 кој ги поврзува Јадранското и Јонското со Црното Море. Нивното значење не е само економско, туку и стратешко и безбедносно, особено за НАТО и за идната реконструкција на Украина – рече Мицкоски.
Во врска со европската интеграција Мицкоски нагласи дека Македонија останува целосно посветена на членството во Европската Унија, но дека процесот треба да биде заснован на реформи и заслуги, наместо на постојано отворање нови билатерални прашања. Тој потсети дека Македонија повеќе од две децении се наоѓа на европскиот пат и дека во изминатиот период државата и граѓаните направиле бројни отстапки во име на европската перспектива. Според Мицкоски, незадоволството кај граѓаните произлегува од фактот што и покрај направените чекори, државата повторно се соочува со дополнителни услови. Погребна е предвидливост на процесот и гаранција дека нема постојано да се отвораат нови билатерални услови.
Премиерот истакна дека додека Владата бара решение за европскиот пат, Македонија нема да чека во место, туку ќе продолжи да ја развива економијата, да спроведува реформи, да го зајакнува владеењето на правото, да привлекува странски директни инвестиции и да инвестира во високотехнолошка индустрија.
Во тој контекст тој го посочи и економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал, оценувајќи дека Македонија е меѓу земјите со највисок раст во Европа.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да разговара со европските партнери и со Соединетите Американски Држави за предизвиците со кои се соочува земјата и дека Македонија нема да се изолира или да се повлекува од разговорите.
– Стратешката определба останува јасна – продлабочување на сојузништвото и стратешкото партнерство со САД и полноправно членство во ЕУ – истакна Мицкоски.
Обраќањето пред Атлантскиот совет ја потврди позицијата на Македонија како НАТО сојузник со јасна западна стратешка ориентација, но и како држава која сака сопствениот развој да го темели на конкретни проекти – модерна инфраструктура, енергетско поврзување, дигитална и сајбер отпорност, инвестиции, вештачка интелигенција и висока технологија. Пораката на Мицкоски од Вашингтон е дека Македонија ќе продолжи да ги води разговорите за својата европска иднина, но истовремено ќе работи на сопствениот економски развој и на зајакнување на својата геостратешка позиција во регионот, соопшти Владата.
.
Извор: plusinfo.mk