МИЦКОСКИ СО „14-0“ ГО ОТВОРИ ПРАШАЊЕТО ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА Што е со пресудите за Македонците во Бугарија?
„14 спрема нула“ – со оваа формулација премиерот Христијан Мицкоски во интервју во Атлантскиот совет во Вашингтон го отвори прашањето за човековите права и спорот со Бугарија.
Неговиот аргумент е дека од Македонија се бара внесување на Бугарите во Уставот во име на правата на заедниците, додека Европскиот суд за човекови права има повеќе пресуди против Бугарија во случаи поврзани со здруженија на лица што се идентификуваат како Македонци.
Мицкоски тргна од македонската Преамбула во Уставот. Тој потсети дека во Преамбучата веќе се наведени повеќе заедници, а условот за продолжување на европскиот пат предвидува во Уставот да бидат внесени и Бугарите.
– Во нашата Преамбула имаме реченица во која се вели дека Македонија е земја на македонскиот народ и Албанците, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците… Нашиот источен сосед побара да се продолжи со коса црта – Бугарите и другите – рече Мицкоски.
Тој се повика и на бројот на граѓани што на последниот попис се изјасниле како Бугари, поставувајќи го прашањето зошто нивното експлицитно внесување во Уставот е услов во пристапниот процес.
Од Преамбулата до Стразбур
Мицкоски потоа го префрли аргументот од Уставот на теренот на човековите права.
– Зборуваме за човекови права. Ние сме политичари, не сме експерти за човекови права. Како политичари, можеме само да го злоупотребиме ова прашање. Постои институција во Европа одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не – рече премиерот.
Како таква институција го посочи Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а потоа ја употреби бројката што стана центар на неговиот аргумент.
– Имаме резултат 14 спрема нула во корист на македонската заедница во Бугарија во однос на бугарската заедница во мојата земја – рече Мицкоски.
„Како тогаш ова е услов по заслуги?“
Мицкоски токму преку пресудите го оспори начинот на кој прашањето за Бугарите во Македонија е поврзано со европскиот пристапен процес.
– Како можеме да објасниме и оправдаме дека ова барање е дел од пристапот заснован на заслуги? Бидејќи зборуваме за заслуги – што прави врска помеѓу заслугите и барањата на локалната заедница? – праша премиерот.
„Ни велеа, сменете го уште ова“
Мицкоски инсистира дека ако дебатата навистина се води на теренот на човековите права, тогаш во неа треба да се земат предвид и пресудите од Стразбур што се однесуваат на Бугарија.
– Во минатото го сменивме знамето, Уставот неколку пати, уставното име, и секогаш пораката беше: „Направете го ова и ова е последното“. Ние слушавме. Но, за жал, на истото место сме каде што бевме пред 26 години – рече Мицкоски.
Нашиот случај, нагласува Мицкоски, не е ни блиску до претходната институционална меморија на претходните земји кои станаа членки на ЕУ, затоа што го започнавме процесот дури и пред Хрватска, со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација пред повеќе од 25 години.
– Заедно со нив Македонија стана земја кандидат. Заедно со нив го добивме првиот позитивен извештај од Европската комисија за почеток на преговорите. За жал, оттогаш не можеме да започнеме поради некои вештачки причини. Треба да работиме заедно со ЕУ, нагласи македонскиот премиер.
.
Извор: plusinfo.mk