МАКЕДОНИЈА БАРА ГЕРМАНСКО ЗНАЕЊЕ И ТЕХНОЛОГИИ ЗА ЗДРАВСТВОТО Клековски разговараше со компании и медицински институции
Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска учествуваше на министерскиот панел на високо ниво на Деветтиот германско-источноевропски здравствен форум во Берлин. Форумот е официјален придружен настан на Светскиот самит за здравство (World Health Summit), а го организираат Источниот комитет на германската економија (Ost-Ausschuss) и Германската здравствена алијанса (GHA).
На панелот учествуваа и министерот за здравство и социјални работи на Грузија, Михаил Сарџвеладзе, и министерката за здравство на Ерменија, Анахит Аванесјан.
Во своето обраќање пред германските и меѓународните претставници на институциите, индустријата и академската заедница, Клековски ги претстави состојбите, предизвиците и постигнатите резултати во македонското здравство, како и дел од плановите за неговиот понатамошен развој.
Во фокусот беа регионалното поврзување и заедничките набавки на иновативни лекови, како и дигитализацијата на здравството, за која се предвидени 50 милиони евра преку нова стратегија за периодот 2027–2031 година, изработена со поддршка на Европската Унија. Беше истакната и можноста за поголемо користење на програмата „EU4Health“.
– Германските компании веќе се меѓу клучните инвеститори во Македонија. Сега сакаме таа соработка да се прошири и во здравството – преку нови технологии, дигитализација и едукација на кадарот. Нашите лекари во Германија можат да бидат вистински мост меѓу двете земји – изјави Клековски.
На маргините на форумот, министерот одржа билатерални средби со грузискиот министер Сарџвеладзе и ерменската министерка Аванесјан. Тие разменија искуства од реформите на здравствените системи и разговараа за можностите за соработка меѓу земјите во регионот.
Клековски се сретна и со претставници на неколку организации и институции. Со „Siemens Healthineers“ разговараше за модернизацијата на медицинската опрема и дијагностиката, со „KPMG“ за реформите и дигитализацијата во здравството, а со претставници на Универзитетската болница „Шарите“ во Берлин за продолжување на соработката и едукацијата на медицински кадар.
Македонското здравство веќе соработува со „Шарите“ во лекувањето деца со цистична фиброза. На средбата биле разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката.
Министерот разговараше и со проф. Патрик Јеурисен, советник во Министерството за здравство на Холандија, за холандските искуства со одржливото финансирање на здравствениот систем, како и со „Falk Consulting“ за поддршка во реструктурирањето на болниците.
Во рамки на посетата, Клековски одржа и средба со македонски лекари во Германија.
Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин, министерот се сретна со голем број лекари, стоматолози и студенти по медицина од македонската дијаспора. На средбата се обратија и амбасадорот, проф. д-р Илбер Села, и д-р Блашко Димковски, претседател на Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија.
Клековски ги претстави реформите во здравствениот систем, а Димковски ја истакна подготвеноста на Асоцијацијата да посредува во пренесувањето на германското медицинско знаење и технологии во македонските болници, преку едукации и заеднички научни проекти.
– Само во Асоцијацијата на македонски лекари и стоматолози во Германија членуваат речиси 500 лица. Тоа е огромен потенцијал за македонското здравство. Сакаме нашите лекари во Германија да бидат мост за знаење, едукација и соработка – изјави Клековски.
Посетата на Берлин започна вчера со средба со претставници на Германската здравствена алијанса (GHA), Источниот комитет на германската економија и Германската стопанска и индустриска комора (DIHK). На средбата се разговарало за потребите на македонското здравство, можностите за техничка помош и едукација, како и за потенцијалните партнерства.
Клековски се сретна и со раководството на Бизнис-клубот Германија – Северна Македонија (DNMBC), односно со претседателот Гафар Вејсели и потпретседателите Драган Илиевски и Зибер Сељами. Главна тема на разговорите било пренесувањето германски искуства во Македонија.
Заедно со амбасадорот Села, министерот ја посети и македонската православна црковна општина „Св. Климент Охридски“, каде што е во тек изградбата на нов храм.
Во текот на посетата, Клековски беше придружуван од амбасадорот на Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села.
.
Извор: plusinfo.mk