МАКЕДОНЦИТЕ ОД АЛБАНИЈА СЕ ПОЖАЛИЈА ПРЕД ООН Изложени се на асимилациски притисоци од Бугарија
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски на состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет во седиштето на Обединетите нации во Женева, побара посебно внимание за положбата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.
Состанокот беше организиран од специјалниот известувач на ОН за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, а Стерјовски се обрати во име на македонската заедница во Албанија, посочувајќи ги предизвиците со кои таа се соочува, особено во контекст на европската интеграција на земјата.
Во обраќањето, како што соопшти МАЕИ, Стерјовски истакна дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија, лојални граѓани кои ги почитуваат институциите и придонесуваат за развојот на државата, но дека нивниот идентитет се соочува со сериозни предизвици.
Тој изрази загриженост поради, како што наведе, растечкиот политички притисок од Бугарија врз Албанија, со користење на нејзината позиција како членка на Европската Унија и влијанието во процесот на проширување за унапредување на националната агенда во земјата.
Стерјовски посочи на промовирањето тврдења дека Македонците во Албанија се Бугари, како и на обидите за наметнување бугарски идентитет преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.
– Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија, нагласи Стерјовски.
Тој потенцираше дека малцинските права не смеат да се инструментализираат за геополитички цели и дека никому не смее да му се наметнува идентитет спротивен на неговото слободно право на самоопределување.
Како долгогодишни проблеми на македонската заедница во Албанија ги посочи недоволната институционална поддршка за зачувување и развој на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, недоволната политичка застапеност и учество во процесите на донесување одлуки.
Стерјовски упати повик до специјалниот известувач на ОН, Николас Леврат, да стапи во контакт со албанските власти и да ја нагласи нивната обврска за целосна заштита на правата на националните малцинства, согласно меѓународните стандарди за човекови права и обврските преземени во рамките на процесот на европска интеграција.
.
Извор: plusinfo.mk