БЕСПЛАТНИ ПРАВНИ СОВЕТИ ЗА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Митева најави телефонска линија за жртвите
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе отвори телефонска линија преку која жртвите на семејно насилство ќе можат да пријават насилство и да добијат итно правно советување и помош. Ова го најави претседателката на Унијата и портпаролка на Владата, Марија Митева, на првата панел-дискусија „Од молк до глас“, организирана во рамките на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“.
Митева рече дека Унијата ќе ги користи сите расположливи механизми за борба против насилството, преку превентивни активности, подигнување на јавната свест и охрабрување на жртвите да ги пријавуваат насилниците. Таа најави и дека ќе бара од институциите побрзо и посоодветно да реагираат.
– Како Унија на жени застануваме против насилството со сите свои механизми. Ќе зборуваме, ќе се обидеме да дејствуваме превентивно, да ја подигнеме свеста за овие појави и да ги охрабриме жртвите да го пријавуваат насилството. Ќе бараме од институциите побрзо и подостојно да реагираат во секое време. Унијата на жени во следниот период ќе објави телефонски број, односно телефонска линија за пријавување насилство, со цел да обезбеди итно правно советување, правни совети и правна помош за жртвите на семејно насилство – рече Митева.
Таа појасни дека деталите за функционирањето на линијата ќе бидат разработени во соработка со правната комисија на партијата. Целта, како што рече, е жртвите да добијат насоки како да постапат во моментите кога се чувствуваат безнадежно, кога се плашат од последиците, не ги познаваат процедурите или не знаат кому да се обратат, особено кога стравуваат за сопствениот живот или за животот на своите деца.
Митева нагласи дека помошта ќе се обезбедува на достоинствен и доверлив начин, преку соодветни правни механизми.
– Нашата обврска е 365 дена во годината да се потрудиме да направиме нешто повеќе на оваа тема. Кога ќе дојде следната година и повторно ќе зборуваме за ова прашање, треба да можеме да кажеме што конкретно сме направиле како Унија на жени и што сме оставиле зад себе. Авторитетот ќе го градиме врз основа на принципи. За нас, во рамките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и генерално во партијата, не постои простор за поддршка или несанкционирање на насилството. Тоа е принцип од кој нема да отстапиме – истакна таа.
Осврнувајќи се на законската рамка, Митева рече дека Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство бил донесен во 2021 година, за време на владата предводена од СДСМ. Според неа, тогашното законско решение било претставено како најсоодветно, со фокус врз жртвата и нејзината безбедност, додека пет години подоцна повторно се отвора прашањето за негови измени и дополнувања.
Таа појасни дека не тврди оти законите не треба да се менуваат во согласност со новите околности, но смета дека е важно да се направи осврт на тоа како претходното решение било претставено и каква дебата се водела за него.
– Во 2026 година ВМРО-ДПМНЕ покажува силен политички капацитет за водење дијалог, не само на оваа тема, туку и за многу други прашања во изминатите две и пол години. Успеваме дијалогот да го водиме на иста маса, меѓу клучните општествени чинители кои треба да ги направат промените. Тоа се институциите, граѓанските организации, невладиниот сектор, експертите и луѓето кои работат на оваа проблематика и најдобро знаат со што се соочуваат жените жртви на насилство – рече Митева.
Таа додаде дека предлог-измените и дополнувањата веќе се наоѓаат во Собранието и изрази надеж дека во наредниот период ќе бидат предмет на поширока дискусија и ќе бидат донесени.
Митева посочи и дека годинава се вршат измени на Кривичниот законик, со кои телесната повреда при семејно насилство се гони по службена должност, што, според неа, не било случај со претходната законска регулатива. Таа оцени дека овие промени се показател за политичка волја за подобрување на законската заштита на жените жртви на насилство.
Според Митева, во дебатата за семејното насилство треба да се вклучи поширок круг општествени чинители, а не само институциите кои досега работеле на оваа проблематика. Таа предупреди дека сите што зборуваат јавно за ова прашање имаат одговорност да не ја доведуваат јавноста во заблуда, бидејќи тоа може да создаде дополнителни проблеми наместо да придонесе за решавање на постојните.
На панел-дискусијата се обрати и претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински. Тој рече дека здравствениот систем и здравствените работници често може да бидат првата точка на контакт за жртвите на насилство, поради што е важно да имаат јасни протоколи и знаење како да постапат кога ќе препознаат или евидентираат насилство.
Перински нагласи дека не станува збор само за физичко насилство, туку и за психичко насилство, кое понекогаш потешко се препознава.
– Многу е важно здравствениот работник да има утврден протокол, правилник и, пред сè, знаење како точно да постапи во случај на утврдено или евидентирано насилство, за да не го оставиме граѓанинот да лута од една до друга институција. Тука не мислам само на физичкото насилство, туку и на психичкото, кое во голем број случаи потешко се открива и препознава – рече Перински.
Тој посочи дека Фондот за здравствено осигурување, како купувач на здравствени услуги, има одговорност да придонесува за одржливоста на здравствениот систем и за непречено обезбедување здравствени услуги. Додаде дека буџетот на Фондот се зголемува секоја година и дека институцијата продолжува да ги исполнува обврските кон здравствениот систем.
Перински потсети дека во изминатите две години Министерството за здравство, во соработка со други општествени чинители и со поддршка на меѓународни институции, изработило правилници и протоколи за постапување на здравствените работници со жртвите на семејно насилство.
– Останува институциите да ги усвојат за да можат да станат оперативни. Паралелно со овој процес, обуки веќе поминале повеќе од 260 здравствени работници. Не смееме да ги заборавиме и децата, кои треба да бидат посебен фокус во иднина, бидејќи можеби ги преживуваат последиците од насилството во своите домови, а немаат време или место каде да ги споделат своите искуства. Покрај превенцијата на семејното насилство врз жените, главен фокус треба да бидат и едукацијата на децата и одговорниот пристап кон нивното воспитување – рече Перински.
На првата панел-дискусија се обрати и потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Шамбевски. Тој рече дека не смее да се дозволи зад навидум прифатливо однесување или шега да се прикриваат насилнички намери.
Според него, важно е да се постави јасна граница и недвосмислено да се осудат сите облици на насилство, за никој да не помисли дека преку омаловажување или насилно однесување може да стекне популарност или да се наметне во општеството.
Шамбевски нагласи дека младите не треба да се плашат дека ќе станат жртви на насилство додека учат, растат и се развиваат. Тој смета дека превенцијата почнува со едукација и препознавање на раните облици на насилство, кои не запираат нужно на навредите и омаловажувањето, туку може да прераснат во психолошко, дигитално, па дури и физичко насилство.
Тој најави дека Унијата на млади сили ќе продолжи со активности за подигнување на свеста кај младите и по завршувањето на кампањата „16 дена активизам“.
– Ќе работиме на создавање генерација храбри млади луѓе кои, кога ќе забележат насилство, нема да се повлекуваат, туку ќе реагираат. Никој не смее да се крие зад изговорот дека станувало збор за шега или начин на дружење. Во координација со сите структури на партијата и со надлежните институции, Унијата на млади сили ќе понуди и други решенија за справување со овој проблем. Целта е да создадеме општество со нулта толеранција кон насилството, но не само декларативно – додаде Шамбевски.
На втората панел-дискусија, на тема „Системски одговор на насилството, превенција, заштита и одговорност“, се обратија градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
.
Извор: plusinfo.mk