163 ПРИТВОРИ ЗА ОСОМНИЧЕНИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ГОДИНАВА, ЛАНИ БИЛЕ 44 Тошковски најави построг институционален одговор
Како општество, еднаш засекогаш, мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме отворено. Јас ќе говорам со бројки кои за жал, позади себе имаат име, презиме, загубен човек, многу болка и тага, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на втората панел-дискусија на тема „Системски одговор на насилството, превенција, заштита и одговорност“, што се одржа во рамки на кампањата „16 дена активизам“ под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“ во организација на Унијата, Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на млади сили на партијата.
Тој посочи дека во 2026 година се регистрирани седум фемициди, додавајќи дека исто толку жени го загубиле животот како последица на семејно насилство и во 2022 и во 2018 година.
– Паметите ли некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памети име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство и во 2018 година. Дали некој од оние што протестираа денеска, граѓани на кои им ги разбирам гневот, незадоволството и разочарувањето, памети име на жена што го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година? – праша министерот.
Тошковски нагласи дека за оваа тема мора да се зборува постојано, а не само кога ќе се случи кривично дело. Според него, заштитата на жените и децата треба да биде секојдневен приоритет на општеството, а во борбата против насилството мора да бидат вклучени институциите, невладините организации, професорите, експертите, обвинителите и судиите.
Тој посочи дека искоренувањето на ова општествено зло нема да се случи преку ноќ, но дека веќе се преземаат чекори за подобрување на институционалниот одговор.
Како една од промените го посочи изменувањето на Кривичниот законик во дел што, според него, е клучен за заштитата на жртвите. Додаде дека повеќе од пет месеци соработува со министерот за социјална политика, демографија и млади, како и со невладини организации, професори, судии и обвинители, со цел да се зајакнат законските одредби и да се подобри постапувањето на институциите.
Меѓу системските промени што ги наведе е и повторното отворање на средното полициско училиште. Тошковски рече дека очекува во следните десет години да бидат обучени најмалку 2.500 до 3.000 полициски службеници, кои ќе претставуваат значаен ресурс за безбедноста и заштитата на жртвите од семејно насилство.
Најави и подобра координација на централно ниво, посочувајќи дека на состанок со министерот за социјална политика и јавниот обвинител биле утврдени конкретни точки за координација, со цел да се обезбеди поусогласено постапување низ целата држава.
Една од најзначајните најави на Тошковски е воведувањето боди-камери за сите униформирани полициски службеници. Според него, веќе започнал тест-периодот за имплементација на ова решение, кое треба да овозможи целосно документирање на полициското постапување.
– Почнавме со тест-период на имплементација на едно радикално и суштинско решение, за кое гарантирам дека ќе донесе многу поголема додадена вредност за општеството, дури и од „Безбеден град“. Секој униформиран полициски службеник ќе има боди-камера на себе, со која ќе се констатира фактичката состојба. Тој ќе мора строго да се придржува до дефинираниот протокол на однесување, а сето тоа ќе биде евидентирано во службената документација – рече Тошковски.
Тој најави дека секоја комуникација на полицајците со жртвите и со насилниците ќе биде евидентирана и документирана во рамките на МВР. Секој доказ обезбеден при постапувањето, како што рече, веднаш ќе му биде доставен на јавниот обвинител.
– Нема ЦД-а, нема УСБ-стикови, нема, заврши. Институционалниот одговор, во однос на брзината на реакција, споредено со пред неколку години, па и со денес, ќе биде неспоредлив, особено кога станува збор за овој тип криминал – истакна министерот.
Тошковски изнесе и податоци за мерките што се преземаат против осомничените за семејно насилство. Според него, лани биле изречени 44 мерки притвор, додека годинава нивниот број достигнал 163.
Тој оцени дека институционалниот одговор, мерен преку изречените најстроги мерки притвор, во 2026 година е зголемен за 300 проценти во споредба со 2025 година.
– Ве уверувам дека Македонија ќе си ја направиме поубаво место за живеење со работа, отвореност, храброст и сплотеност. Ако целта на сите ни е да живееме во безбедна Македонија, тогаш фокусот мора да биде на жената и детето – рече Тошковски.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека во училиштата годишно се регистрираат од 50 до 60 пријави за врсничко насилство, кои се обработуваат согласно утврдените протоколи.
Таа оцени дека насилството отсекогаш постоело и дека ќе продолжи да постои, но дека задача на институциите и општеството е да го сведат на минимум. Особено загрижувачки, според неа, е фактот што насилството станува сè побрутално.
– Мојот впечаток е дека насилството, не само врсничкото туку и она врз жените, постоело и секако ќе постои. Наша задача е да го сведеме на минимум. Она што сакам да го истакнам и што мене особено ме загрижува е дека насилството станува сè побрутално, а бруталноста на насилниците навистина изненадува – рече Јаневска.
Таа направи споредба со периодот кога била млада, посочувајќи дека и тогаш имало насилство, но не и некои од суровите облици што денес се забележуваат.
– Кога бев млада, имаше насилство, но немаше гасење цигари врз кожата на жртвата, немаше присилно соблекување и понижување на жртвата, која мора да моли за милост за да не биде физички повредена. Сега се радувам што за овие појави отворено зборуваме. Во минатото за тоа не зборуваа ниту жените, ниту наставниците, ниту родителите. Отворената дискусија за оваа тема, де факто, води кон напредок – рече министерката.
Јаневска посочи дека решенија постојат, но дека нивната примена мора да се активира и интензивира. Како една од мерките во образованието ги наведе законските обврски со кои училиштата се задолжени во своите годишни програми да предвидат активности за спречување врсничко насилство и сите други облици на дискриминација.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски информираше дека во државата има десет шелтер-центри за жртви на насилство, како и советувалишта што нудат психосоцијална поддршка.
Тој ги повика сите што се соочуваат со насилство или имаат потреба од помош да ги користат овие механизми, нагласувајќи дека во советувалиштата работат стручни лица кои можат да им помогнат на жртвите.
– Секој што има проблем и му е потребна ваква поддршка треба да го користи овој механизам, бидејќи таму работат стручни лица кои даваат одлични совети и знаат како да ги советуваат жртвите. Доколку има насилство, секој треба да биде мотивиран навреме да го пријави. Да не чекаме некој да стане жртва – порача Велковски.
.
Извор: plusinfo.mk