ДОЖД, СИЛЕН ВЕТЕР И НОВ СНЕГ НА ПЛАНИНИТЕ Обилни врнежи во западна Македонија, температурите ќе достигнат до 12 степени
Облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни, нè очекува во текот на наредните денови. Најмногу дожд се прогнозира во западните делови од земјава, каде што количеството на врнежи ќе надмине 30 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, а на места повремено и засилен ветер од јужен правец.
Утринските температури ќе се движат од минус еден степен во Маврово до четири степени во Гевгелија, додека дневните ќе достигнат од седум до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а температурата ќе се движи од нула до осум степени.
Во петок времето ќе биде променливо облачно, повторно со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во југозападните делови, каде што може да наврнат над 20 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а попладне и кон крајот на денот, особено долж Повардарието, ќе засилува јужниот ветер.
Минималните температури ќе бидат од пет до осум степени, а максималните од осум до 12 степени.
Во сабота се очекува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни во југоисточните делови од земјава, со над 20 литри на квадратен метар.
Од попладневните часови, на некои од повисоките места дождот ќе преминува во снег, додека на планините ќе врне само снег, при што ќе се формира нова снежна покривка.
Ќе дува умерен ветер, кој попладне, особено во североисточните делови, ќе засилува и ќе достигнува силен интензитет. Минималните температури ќе се движат од три до осум степени, а максималните од седум до 10 степени.
.
Извор: plusinfo.mk