ЛАНИ ИМАЛО 1.000 НОВИ ПАЦИЕНТИ СО РАК НА ДОЈКА На Онкологија се лекуваат 7.000 пациенти
Илјада пациенти со канцер на дојка се дијагностицирани минатата година и во овој момент на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија се 7.000 заболени, истакнаа на Здружението „Хема-онко“ на настанот, што го организираа денеска на Клиниката, а е посветен на пациентите, здравствените работници и на заедничкото градење подобра и посеопфатна онколошка грижа, со наслов „Појадок со Хема-онко“.
Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, изјави дека минатата година се воведени нови лекови за болните од канцер, конкретно за канцер на дојка и дека е зголемен бројот на пациенти што се третирани со специфичен третман.
– Дисперзијата функционира делумно како консултативно-специјалистичка дејност во Градската општа болница „8 Септември“. Онколог од Скопје оди во Клиничката болница во Битола. Тоа е она што можеме да го направиме за доброто на пациентите и за делумно растоварување на метежот во Клиниката. Понекогаш терапијата може да доцни минимално поради дистрибутивните недостатоци. Се работи на идејата за тригодишна набавка на дел од терапиите – рече проф-д-р Стојковски.
На прашање колку чекаат пациентите кога ќе дојдат да примат терапија со оглед на тоа дека на социјалните мрежи пациенти постојано реагираат дека ќе дојдат изутрина на Клиниката, а ќе завршат попладне со терапијата, тој рече дека тоа зависи од терапијата и дека различни терапии имаат различно траење.
Во врска со тоа што со години се говори за процес на дисперзија (децентрализација) на онколошката терапија во Градската општа болница „8 Септември“, Битола и во Штип, тој посочува дека планирано е дисперзијата да оди во неколку фази.
– Почна првата фаза, тоа е специјалистичко-консултативна дејност. Се надеваме дека во наредната година ќе почне и дневна болница да функционира. Тоа зависи од инфраструктурата на болниците. Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна, што подразбира покрај кадар и инфраструктура да може терапијата да се прима безбедно. Дека е проблем – да, постои, значи и сами можете да видите – истакна Стојковски.
Според него, од година во година растат потребите од финансии поради две причини – зголемување на бројот на пациенти и зголемување на времето на лекување. Лани, спроред институционалната статистика, имало 5.300 нови пациенти од различни локализации.
Од оваа година функционира тумор борд, односно мултидисциплинарен тим кој треба да одлучува какво ќе биде лекувањето на секоја пациентка.
Според Ана Марјановиќ од Здружението Хема-онко, бројките на заболени се зголемуваат, но за среќа се зголемуваат и оние луѓе коишто преживуваат.
Пациент со канцер, кој одеше на Клиниката, изјави дека за снимање на ПЕТ Скен се чека четири до пет месеци и дека е еден во цела Македонија, а два-три месеци се сервисира.
– За резултат од компјутерска томографија да се прочита се чека месец до два, и плус пред тоа се чека најмалку два-три месеца за да се направи компјутер. Најмногу треба да се чека пет до десет дена. Внатре има 300 луѓе и четворица лекари. За толку болни од рак со четврт степен за кои деновите се избројани, не само болниот и семејството страда. Како може да се купат 300 или 500 автомобили, а само еден ПЕТ скен да се купи. Тој не чини милијарда евра – додаде пациентот.
.
Извор: plusinfo.mk