ВЕЛЕШАНЕЦ, КОЈ ЧУВАЛ 10 КУЧИЊА, ПОЧИНАЛ, КУЧИЊАТА ГЛАДУВАЛЕ ЗАТВОРЕНИ Успешно се заловени и згрижени во прифатлиштето „Шепа“
Десет кучиња биле спасени и згрижени откако нивниот сопственик ненадејно починал, а животните неколку дена останале сами во домот без некој да се грижи за нив. Акцијата за нивно заловување и згрижување била спроведена во Велес, во домот на 62-годишниот Ѓоре Станков, кој живеел во населбата Којник.
По дојавата од соседите, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство излегле на терен и се вклучиле во акцијата за спасување на животните.
Станков живеел сам и немал блиски роднини. Тој починал вечерта на 16 ноември во автомобил во центарот на Велес, а кучињата биле спасени на 19 ноември, во претпладневните часови.
„По добиена дојава од граѓанин дека починал граѓанин на Велес, кој чувал повеќе кучиња во својот дом, и по издаден налог од Општина Велес за заловување на животните, официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со заловувачи од Регионалниот центар за згрижување на бездомни животни и ветеринарно здравство во Општина Кавадарци, ‘Шепа’, учествуваше во акцијата за заловување. Во домот на починатото лице беа најдени и заловени 10 кучиња, кои не биле идентификувани со микрочип. Кучињата не покажале агресивност при заловувањето. Две од нив веднаш биле вдомени, а останатите се сместени во прифатилиштето ‘Шепа’, каде што ќе бидат стерилизирани, идентификувани со микрочип и ќе им биде обезбедена потребната ветеринарна заштита“, соопшти Велика Атанасова, портпаролка на АХВ.
Од Агенцијата информираат дека против починатиот сопственик претходно немало поднесено претставки за неодговорно чување на животните, посочувајќи дека тој одговорно се грижел за своите миленици.
Од Регионалниот стационар „Шепа“ дополнително соопштија дека акцијата била спроведена на 19 ноември 2026 година, на улицата Ѓеорги Димитров бр. 37 во Велес. Таму биле заловени осум полово зрели кучиња и две мали кучиња, на возраст од околу два до три месеци, кои веднаш биле вдомени.
„По пријава од инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство и во координација со Општина Велес, излеговме на терен и ги заловивме кучињата. Станува збор за сопственички кучиња без микрочип, кои законот ги препознава како бездомни. Во прифатилиштето ќе поминат низ хуман третман и ќе бидат објавени за вдомување, во согласност со законот“, соопштија од ЈП Регионален стационар „Шепа“.
Останатите кучиња се сместени во прифатилиштето, каде што ќе добијат ветеринарна грижа, ќе бидат стерилизирани и микрочипирани, а потоа ќе бидат понудени за вдомување. Стационарот „Шепа“ во Кавадарци згрижува бездомни кучиња од девет општини во Вардарскиот Регион.
.
Извор: plusinfo.mk