
Кој е најголемиот муштерија на ЕСМ? Државна фирма му плати 81 милиони евра во една година!
МЕПСО за набавка на струја, системски услуги и судски трошоци на ЕСМ во 2022 година му платил вкупно 81 милиони евра. За закуп на капацитет за системски услуги и струја платил над 50 милиони евра, а за покривање на техничка загуба на преносна мрежа купил струја по цена од 220 евра за мегават час за која плати 19,5 милиони евра. Дури во таа 2022 година за децениски судски спор МЕПСО му платил на ЕСМ 3,5 милиони евра. Плаќањата од МЕПСО се 22% од целиот негов годишен приход
„Брат брата не храни, но тешко му на тој што го нема“, вели изворната народна македонска мудрост. И така е. Во годината полна со енергетски предизвици две големи државни фирми покажаа дека заедно е полесно да се излезе на крај со бројните предизвици.
ЕСМ е државниот производител на струја во Македонија кој располага со пет големи хидроцентрали, две термоцентрали и еден ветерен парк. Сума сумарум оваа компанија располага со инсталиран капацитет што надминува 1.000 мегаватчаси производство на струја во еден час. Додуша тоа е на хартија. Реално со оглед на староста на термоцентралите и лошата хидрологија во комбинација со дискутабилното трошоење на водата во време на Васко Ковачевски (поранешен директор на ЕСМ) 2022 година беше особено тешка за ЕСМ. Затоа што февруарската офанзива односно воена агресија на Русите во Украина ги крена цените на струјата на плафон.
Тоа беше допллнителен огромен притисок за ЕСМ кој имаше обврска за домашното население да обезбеди струја по ниска цена далеку пониска од пазарната, а истовремено и да работи рентабилно. Рака на срце рентабилноста ја постигна со дотации од централниот буџет и со ангажман на златната ладна резерва во електросистемот ТЕЦ Неготино.
Но позади сцената голема и несебична поддршка, за големиот брат од аспект на сопственоста и на дејноста, даде и македонскиот електропреносен систем-оператор МЕПСО.
Годишниот извештај на МЕПСО покажува дека оператотор на системот за својата основна дејност да го држи системот во постојан баланс меѓу понудата за и побарувачката на струја купил системски услуги од големиот брат ЕСМ. Системските услуги подразбираат пеглање на разликите меѓу понудата и побарувачката за струја во реално време. За тоа се неопходни „на штрек“ хидроцентрали. А ЕСМ ги има. Така за закуп на тие хридоцентрали и за користење на дел од нивната струја во примарна и секундарна регулација МЕПСО платил вкупно 56,8 милиони евра. Од тоа за закуп на производните капацитети платил 15,7 милиони евра, а останатите 41,1 милиони евра за потребната електрична енергија.
Освен тоа МЕПСО од големиот брат набавил и струја за покривање на своите технички загуби во преносната мрежа (тоа е загуба на струја која се губи како топлина заради отпорот при физички пренос на струјата низ далекуводите и трафостаниците на високонапонско ниво н.з.). За таа струја на ЕСМ му платил 19,5 милиони евра за 9 месеци во 2022 година. Набавната цена била 220 евра за мегават час. Таа е повисока од производната цена на ЕСМ, но е подобра од берзанските цени во 2022 година. Така и на некој начин му помогнал на ЕСМ да го покрива диспаритетот меѓу производната цена и бенефицираната по која ја продавал на домаќинствата преку ЕВН Хоме.
Освен тоа МЕПСО и за задоволување на својата потрошувачка струја купил од ЕСМ Продажба и за неа платил 1,16 милиони евра.
И да како „црешка на шлаг на тортата“ братски му платил 3,5 милиони евра за судски спор што двете компании го започнале пред повеќе од 10 години.
Сума сумарум МЕПСО платил на братот ЕСМ 81 милиони евра во 2022 година.
Р.Ф.
