
ИЈЗ: Водата во ОУ „Димо Хаџи Димов“ исправна
Институтот за јавно здравје информира дека анализите на мострите од вода земени од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ се целосно завршени и покажале дека сите параметри се во рамки на дозволените референтни вредности. Според ИЈЗ, во водата не се пронајдени тешки метали, а физичко-хемиската и микробиолошката анализа се уредни.
Спротивно на тоа, резултатите од мострите од храна и работни површини во кујната на училиштето, како и во повеќе училишни простории, покажале присуство на фекални бактерии Enterobacteriaceae. Од Институтот оценуваат дека ваквите наоди укажуваат на недоволна хигиена во објектот и во кујнскиот простор.
Паралелно со тоа, во Институтот биле доставени седум примероци биолошки материјал од деца кои пријавиле симптоми. Од нив, шест се покажале позитивни на норовирус, потврдуваат од ИЈЗ.
Од Институтот најавуваат дека анализите на дополнително пристигнатите мостри од уште девет училишта се во тек, а резултатите ќе бидат објавени во понеделник. ИЈЗ нагласува дека дежурните и приправните екипи работат непрекинато и се во координација со сите надлежни институции, со цел навремено и точно информирање на јавноста.
