
Градоначалникот на Крива Паланка со реакција по обвинувањата: АХВ да го спроведе правосилното решение за одземање добиток
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, одржа прес-конференција по обвинувањата изнесени од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на која побара итно спроведување на правосилното и извршно решение донесено на 5 март 2024 година.
Како што истакна Митовски, со наведеното решение е изречена мерка за одземање на добиток согласно член 36 од Законот за заштита и благосостојба на животните. Според него, решението е правосилно и извршно од април 2024 година, но досега не е реализирано.
Во своето обраќање нагласи дека обидите за префрлување на одговорноста кон општината се правно неосновани и не ја менуваат фактичката состојба, бидејќи надлежноста за донесување и спроведување на мерката е исклучиво на АХВ. Општината, како што посочи, нема законска основа да ја преземе таа надлежност.
Митовски потенцираше дека институционалната одговорност не може да се релативизира преку јавни соопштенија, особено ако се има предвид дека проблемот со добитокот со години предизвикува штети во Крива Паланка. Според него, последиците се одразуваат врз јавните површини, приватниот имот, безбедноста во сообраќајот и благосостојбата на животните.
Општината, како што беше посочено, останува подготвена да обезбеди логистичка и кадровска поддршка за спроведување на решението, но нема да ја преземе законската надлежност на државна институција.
Градоначалникот јавно порача дека времето за меѓуинституционално препукување е завршено и дека се очекува постапување на терен согласно правосилното и извршно решение. Целосната прес-конференција е достапна во прилог на соопштението.
