
Глобалните цени на храната пораснаа
Глобалниот индекс на цените на храната се зголеми во април за прв пат во последните години и во моментов е на 20 отсто повисоко ниво од рекордот постигнат во март минатата година по руската инвазија на Украина.
Тој индекс на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), кој ги следи цените на најтргуваните прехранбени производи во светот, минатиот месец во просек изнесуваше 127,2 поени, наспроти 126,5 поени во март.
Априлското зголемување ги вклучува и повисоките цени на шеќерот, месото и оризот, што го засени падот на индексот на цените на житариците, млечните производи и растителното масло, пренесува Хина.
„Како што економиите закрепнуваат од значителното забавување, побарувачката ќе расте и цените на храната ќе се зголемат“, рече главниот економист на ФАО, Максимо Тореро.
Индексот на цените на шеќерот порасна за 17,6 отсто во однос на март и достигна највисока вредност од октомври 2011 година.
ФАО ја наведе загриженоста поради намалената понуда по надолното ревидирање на производството во Индија и Кина, како и пониското производство во Тајланд и Европската унија (ЕУ).
Индексот на месото е зголемен за 1,3 отсто на месечно ниво, а цените на млечните производи се намалуваат за 1,7 отсто, растителното масло за 1,3 отсто, а житарките за 1,7 отсто.
Во исто време, падот на светските цени на сите главни житарки го надмина растот на цените на оризот.
„Порастот на цените на оризот е крајно загрижувачки и од клучно значење е да се обнови иницијативата на Црното Море, со цел да се избегне какво било зголемување на цените на пченицата и пченката“, рече Тореро, мислејќи на договорот меѓу Русија и Украина да се дозволи извоз на Украинско жито низ Црното Море.
Во специјалниот извештај за понудата и побарувачката на житни култури, ФАО проценува дека светското производство на пченица оваа година ќе изнесува 785 милиони тони, малку под минатогодишното ниво.
