
ФОТО Први фотографии од фабриката во Трубарево по пожарот – двор полн со пластика и бали
Првите фотографии направени утрово од внатрешноста на опожарениот објект за рециклирање во Трубарево ја откриваат сабласната слика по пожарот што избувна во саботата, но и хаотичната состојба со складиран отпад во кругот на фабриката.
На фотографиите се гледаат огромни купишта на пластичен отпад, стари буриња, неуредно складирани палети и големи вреќи со разновиден отпад расфрлани низ целиот двор, веднаш до старите, дотраени објекти. Од друга страна, се гледаат и големи бали со уредно компресирана пластична амбалажа, подготвена за рециклирање.
Особено е потресна сликата од опожарениот погон, кој е целосно уништен. Од објектот останала само свитканата метална конструкција, а од под урнатините сè уште се издига чад, што сведочи за силината на огнената стихија со која пожарникарите се бореа повеќе од 24 часа.
Овие фотографии даваат визуелен контекст на изјавата на надлежните дека станува збор за објект за рециклирање на батерии и електронски отпад, иако на сликите доминира пластичниот отпад.
Состојбата со хаотично складираниот и потенцијално лесно запалив материјал веројатно ќе биде предмет на истрагата што ја започна Основното јавно обвинителство за да се утврдат причините за пожарот. Во меѓувреме, јавноста сè уште ги чека официјалните резултати од мерењата на квалитетот на воздухот по инцидентот.