
ВИДЕО Земјотрес со јачина од 6,3 степени го погоди Еквадор, затворени дел од нафтените постројки
Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди во петокот брегот на Еквадор, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), при што се оштетени згради во градот Есмералдас и привремено затворена дел од нафтената инфраструктура.
Според ЕМСЦ, земјотресот се случил на длабочина од 23 километри.
Владата во прелиминарен извештај соопшти дека едно лице е повредено и дека се оштетени повеќе јавни објекти и приватни куќи. Во некои области поради земјотресот беше прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Претседателот Даниел Нобоа, во објава на социјалната платформа Х, напиша дека владата работи на изградба на засолништа, доставување хуманитарна помош за децата и „помага со се што му треба на населението“.
Државната нафтена компанија Petroecuador извести дека ги прекинала операциите во рафинеријата Есмералдас и гасоводот СОТЕ како мерка на претпазливост по земјотресот, без да објави детали за потенцијалното влијание врз производството.
Еквадорскиот геофизички институт, кој ја процени јачината на земјотресот на 6,0 степени, извести за втор земјотрес со јачина од 4,1 степени, кој се случи неколку минути подоцна во провинцијата Гвајас.