
Почнува судење за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов – обвинет дека му дозволувал да вози без дозвола
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да започне судскиот процес против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој во јануари годинава ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“ во Скопје.
Обвинителството го товари Зоран Јованов за кривично дело предизвикување општа опасност, со образложение дека во подолг временски период – од ноември 2022 до јануари 2025 година – му дозволувал на својот син да управува возило, иако знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно сторил низа сообраќајни прекршоци и деликти.
Според Јавното обвинителство, 50-годишниот скопјанец, со своето дејствување, лекомислено создал опасност за животот и телото на луѓето, сметајќи дека нема да настапат штетни последици. Во обвинението се наведува дека Зоран Јованов му го давал на синот возилото „Пежо 207“, иако знаел за неговата историја на сообраќајни прекршоци, меѓу кои:
сообраќајна несреќа со полесни последици во ноември 2022,
11 сообраќајни прекршоци во 2023 и 2024 година (вклучително и возење без дозвола, под дејство на алкохол и непочитување сообраќајни знаци),
како и несреќата со смртни последици од 29 јануари 2025 година.
Синот, Васил Јованов, веќе доби казна затвор од 12 години за сообраќајката во која животот го загуби Фросина Кулакова. Судот му изрече и петгодишна забрана за управување возило, како и парична казна. Признанието и каењето му беа признати како олеснителни околности, додека тежината на делото и неговото досие – меѓу кои и претходна казна за трговија со дрога – беа нотирани како отежнителни.
Случајот предизвика сериозна реакција во јавноста, со бројни повици за построги санкции и контроли за несовесно родителско однесување и соучесништво во прекршување на сообраќајните прописи.