
Министерот Тошковски: МВР постапувало согласно судската одлука за враќање на пасошот на Асмир Јахоски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска појасни дека враќањето на пасошот на осомничениот Асмир Јахоски било извршено во согласност со одлуката на Апелациониот суд, а не по слободна волја на Министерството.
„Суштината е како судот донел одлука да му се врати патната исправа, а не зошто МВР постапило така. Ние сме должни да постапуваме по судските решенија и наредби на обвинител“, изјави Тошковски.
Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“ и осомничен во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, со пасош со ограничен рок на важност излезе од земјата на 30 мај и се врати на 2 јуни преку граничниот премин Богородица.
Од Кривичниот суд Скопје потврдија дека Јахоски редовно се јавувал на судот, како што му е наложено по мерките на претпазливост кои му беа определени по укинувањето на притворот.
ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека Јахоски, кој е осомничен за злоупотреба на државни средства вредни 167 милиони евра, моментално е надвор од земјата и ужива во Истанбул, иако се наоѓа под мерки за домашен притвор.
Апелациониот суд, по жалбата на Јахоски, ја преиначи одлуката на Кривичниот суд со која притворот беше заменет со гаранција, обезбедена преку хипотека на имот, а воедно му се врати патната исправа со ограничен рок на важност.
Јахоски е дел од истрагата што вклучува и други осомничени, меѓу кои и сопствениците на РКМ, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, за злоупотреби поврзани со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино во време на енергетската криза.