
ЦЕНИТЕ НА ЕНЕРГЕНСИТЕ ОВАА ЗИМА ПОВТОРНО БИ МОЖЕЛЕ ДА РАСТАТ – еве кои се двата клучни фактори на кои не може да се влијае
Цените на енергијата би можеле повторно да пораснат оваа зима, предупреди денеска шефот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), Фатих Бирол.
– Доколку се реализира сценарио во кое кинеската економија е многу силна и купува многу енергија на пазарот и во исто време е силна зимата, можно е да се зголемат цените на енергенсите, што дополнително ќе ги оптоварува потрошувачите, изјави Бирол во интервју за BBC Today.
Тој рече дека владите треба да штедат енергија и да поттикнуваат добивање енергија од обновливи извори.
Бирол додаде дека многу европски влади направиле „стратешки грешки“, вклучително и преголема зависност од Русија и дека надворешната политика е „заслепена“ со краткорочни деловни одлуки.
Бирол: Многу европски влади направија стратешки грешки
Тој се осврна и на климатските цели на светските влади, нагласувајќи ја важноста од намалување на потрошувачката на енергенси, за да не се зголемува цената на енергенсите.
– Доколку светот е сериозен во борбата против последиците од климатските промени, ќе мораме значително да ја намалиме потрошувачката на нафта и гас во наредните години, посочи Бирол.
Според него, доколку се намали потрошувачката, постојните наоѓалишта на нафта и гас ќе бидат доволни за да се задоволи побарувачката за овие извори на енергија.
(Танјуг)
Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ
