
Божиќ: Аларм низ Европа за терористички напад
Загриженоста е интензивна во европските земји за можен терористички напад, а властите се во состојба на готовност.
Во Германија се вршат интензивни проверки главно во христијанските богослужби, додека во Франција властите ослободија четворица од петте млади момчиња кои вчера ги уапсија поради сомнение дека подготвувале терористички напад. Петтиот се уште се држи и се проверува.
Властите во Франција го насочуваат своето внимание на места со религиозен карактер, како храмови, синагоги, џамии. Соодветно на тоа, властите во Келн ги повикаа верниците да носат само мали торби кога доаѓаат во местата за богослужба.
Особено околу катедралата во Келн има засилени безбедносни мерки, поради „исламистичка“ закана, како што ја нарекоа германските власти.
Всушност, оние верници кои сакаа да присуствуваат на божиќната служба беа подложени на строга контрола при влезот.
Зголемен е ризикот од терористички напад и во Австрија. Властите уапсија три лица, бидејќи постојат сомневања дека се поврзани со исламистичка мрежа. Од МВР појаснуваат дека првичните апсења извршени во саботата биле четири. Еден од уапсените е ослободен, додека останатите се во притвор. Полицијата ги засили проверките главно околу црквите, другите места за богослужба и божиќните пазари во Виена.
Според веб-страницата „Билд“, безбедносните служби во Австрија, Германија и Шпанија имале индиции дека исламистичка група сакала да изврши напади во Европа, можеби на Нова Година или Божиќ. Целите можеби биле верски служби во Келн, Виена и Мадрид. Поради оваа причина безбедносните мерки и проверки ќе продолжат и за Нова година.
