📷 БОГАТИ АРХЕОЛОШКИ НАОДИ ОТКРИЕНИ ВО НЕКРОПОЛАТА РЕСНИЦА ВО СТРУШКО Штит, шлем, копја, меч, предмети од злато, бронза, килибар…
Богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар е најновото исклучително откритие на археолозите на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта, со што дополнително се потврдува значењето на локалитетот за проучување на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.
Националниот археолошки музеј денеска ќе ги презентира најновите резултати од археолошките истражувања на локалитетот, каде годинава е откриено богато војничко погребување со комплетна воена опрема.
Од Националниот археолошки музеј истакнуваат дека новите наоди недвосмислено го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола и отвораат можности за подлабоко проучување на погребните обичаи, воената организација и општествената структура на тогашните заедници.
Локалитетот го привлече вниманието на стручната и пошироката јавност во 2024 година, кога беа откриени монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал, меѓу кој бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
Најновите откритија, според музејот, носат нова димензија во толкувањето на некрополата, бидејќи богатото војничко погребување овозможува попрецизно согледување на статусот, идентитетот и улогата на лицата што биле погребувани на овој простор.
Археолошките истражувања ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј, а на денешната презентација на локалитетот ќе присуствуваат и директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.
Под архајски период се подразбира периодот од приближно VIII до почетокот на V век пред нашата ера, кога се развиваат градовите-држави, трговијата и културните врски низ поширокиот регион на Медитеранот. Во археолошки контекст, архајскиот период се однесува и на заедниците што живееле во непосреден контакт со хеленскиот свет, како и на нивните материјални и културни влијанија.




Фото: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид
НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид
.
Извор: plusinfo.mk