БЕЗ КОМУНАЛИИ ЗА ИЗГРАДБА НА КУЌА, ПОЕВТИНИ СТАНОВИ И СТУДЕНТСКИ ПОПУСТИ Конески ги образложи мерките за младите
Три мерки за поддршка на младите, меѓу кои 20 отсто поевтини станови за млади брачни парови до 35 години, ослободување од комуналии при изградба на сопствен дом и дополнителни студентски поволности преку апликацијата „м.услуги“, најави претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески.
Гостувајќи во Дневникот на телевизија „Сител“, Конески рече дека премиерот Христијан Мицкоски предложил три мерки, од кои две се директно насочени кон решавањето на станбеното прашање на младите брачни парови до 35 години.
Според најавата, градежните компании ќе треба да одвојат најмалку 10 отсто од станбената површина во новите објекти за млади брачни парови, кои ќе можат да ги купат становите по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарната.
– Првата мерка предвидува 10 проценти од сите нови станбени единици да бидат обезбедени исклучиво за младите луѓе и тие да бидат со најмалку 20 проценти попуст. Понатаму, младите брачни парови до 35 години нема да треба да плаќаат комуналии во општините при изградба на сопствена куќа – рече Конески.
Тој додаде дека третата мерка се однесува на студентите и предвидува дополнителни поволности преку дигиталната апликација „м.услуги“. Според најавите, студентите ќе добијат пристап до различни привилегии и услуги, покрај постојната поддршка поврзана со студентскиот оброк.
Конески нагласи дека првите две мерки допрва треба да бидат законски разработени, поради што засега не може да посочи конкретен датум кога би почнале да се применуваат.
– За првите две мерки, кои треба да бидат преточени во закон или за кои допрва ќе почне фазата на разработка, не би можел да дадам точни гаранции кога ќе стапат во сила. Се надевам дека сите постапки ќе поминат што е можно побрзо, за младите брачни парови до 35 години да можат да ги почувствуваат овие придобивки – изјави Конески.
.
Извор: plusinfo.mk