
21 јуни e ден на најстарото езеро во Европа – Охридското Езеро
Во светот постојат само дваесеттина древни езера (езера постари од 1 милион години), од нив на eвропскиот континент се наоѓаат две – Охридското и Преспанското Езеро.
Вредностите на Охридското Езеро, како што додаваат од таму, се од планетарен размер – како дом на над 1.200 вида, според единица површина – Охридското Езеро има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера на светот; над 200 од тие видови се ендемски, ги нема на ниедно друго место; Охридското Езеро е музеј на живи фосили, древни видови, кои во неговите води постојат над 2 милиона години и кои се бесценет извор за научни истражувања на еволуцијата на видовите.
И покрај алармантното предупредување на Мисијата на УНЕСКО од 2020 година дека продолжувањето на трансформацијата води до точка по која нема враќање, нашата земја останува посветена на фарсата, додека вредностите неповратно се губат. И Бернската конвенција во својата последна одлука од април 2022 година им порача на македонските власти дека „краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откога природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“. Сè уште нема ниту еден сигнал дека ваквите пораки стигнале до кое било одговорно лице во земјата, посочуваат од ова здружение.
