
Зголемени тарифи за такси-превоз во Велес, стартот сега изнесува 70 денари
Советот на Општина Велес донесе одлука за зголемување на цените на такси-превозот, по барање на локалните таксисти. Одлуката беше усвоена со мнозинство гласови – 15 „за“ и три „воздржани“.
Според новите тарифи, стартот на возењето ќе чини 70 денари, вклучувајќи еден километар, додека секој нареден километар ќе се наплаќа по 30 денари. Чекањето се наплаќа 5 денари по минута. Цените важат во периодот од 5 до 23 часот, додека ноќната тарифа изнесува 35 денари по километар.
Последното зголемување на цените на такси-превозот во Велес беше во 2019 година. Превозниците го образложија барањето со „значителни економски и пазарни промени“ кои го зголемиле трошокот за работа: поскапување на горивата, одржување и сервисирање на возилата, резервни делови, регистрација, осигурување, законски давачки и зголемени трошоци за работна сила.
Советникот Јованче Манасков нагласи дека паралелно со зголемувањето на цените треба да се зајакне контролата на услугите што ги нудат таксистите. Тој посочи на важноста од подобра хигиена во возилата, јасно истакната лиценца, фер однос кон патниците, заштита од нелегални превозници, задолжително издавање фискални сметки, соодветно однесување на возачите и почитување на дрес-кодот, како и обезбедување на доволен број паркинг-места за легалните таксисти.
За споредба, билетот за градски превоз во Велес сè уште чини 35 денари.
