
Зеленски верува дека американскиот Конгрес ќе одобри дополнителна помош за Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска за прв пат го посети седиштето на американската воена база во Визбаден, Германија, од каде се координира испораката на оружје и друга помош за Украина.
По посетата, Зеленски во објава на социјалните мрежи изрази оптимизам во врска со одлуката за дополнителна американска помош, која со недели е блокирана во американскиот Конгрес, пишува АП.
„Очекуваме дека американскиот Конгрес наскоро ќе донесе клучна одлука за продолжување на виталната поддршка за Украина“, рече Зеленски, по неколкучасовната средба со командантите на американската војска.
Европската команда на САД во соопштението рече дека разговарале за напорите за снабдување на итните потреби на Украина на бојното поле, како и за обуката на украинските војници што се одржуваат во Германија и на неколку други локации во Европа и САД.
Претставници од околу 50 земји кои испраќаат помош во Украина работат во оперативен центар во американската база во Визбаден, Германија, за да одредат што ќе испрати секоја земја и како и кога ќе биде доставена помошта.