
ЗДРАВИТЕ И ФЕНСИ ЛЕБОВИ МУ ДОНЕСОА „ЗДРАВИ“ РЕЗУЛТАТИ НА „ЖИТО ЛУКС“ – пораст на чистиот профит за 60 отсто, еве како се постигна
Кога една компанија инвестира во иновации и нови производи, но и кога знае
како тоа да го промовира и да им го доближи на потрошувачите, резултатите не би
требало да изостанат. Најголемиот македонски производител на леб, едноставно
знаеше како да вложи во нови и модерни лебови, и тоа на компанијата и донесе и
тоа како солидни финансиски резултати. Имено, „Жито Лукс“ ги објави извештаите за минатата година, а
тие говорат неколку работи. Прво, дека Македонците се лебари и сакаат да јадат
леб, но и дека сакаат промени, па не се задоволуваат само со обичните бели
сомунчиња, туку преферираат и фенси, и пред се здрави лебови.
„Почетокот
на деловната 2024 година помина во знакот на лансирање на новиот визуелен идентитет
на брендот, долгоподготвуван проект за модернизација на брендот со цел
приближување кон помладите генерации купувачи“, објаснуваат од компанијата во своето образложение кон
финансиските извештаи.
Да видиме што ни говори Билансот на успех?
Приходите од продажба лани на оваа компанија и донеле прилив од 20,4
милиони евра, или тоа е раст за 4 проценти во однос на претходната 2023 година.
А главно, оваа компанија својот асортиман го продавала на домашниот пазар, и на
тоа отпаѓаат приходи од дури 19,9 милиони евра, што значи дека за толку пари
сме изеле од лебот, но и од брашната и се од другиот асортиман на „Жито лукс“.
Од Жито лукс објаснуваат во своето образложение дека компанијата
бележи 7 отсто пораст
на обемот на продажба во земјата, кој произлегува од примарните категории
производи.
„Продажбите
на леб се зголемени за 12 отсто,
додека
кај категоријата брашно, забележан е раст од 3 проценти. Главен двигател на
зголемената продажба е проектот за ребрендирање на компанијата кој беше активен
во текот на целата година преку различни кампањи. Ребрендирањето беше насочено
кон промена на логото на компанијата и освежување на пакувањето на сите категории
производи, изразувајќи различна филозофија на брендот и комуникација кон
потрошувачите, кои преку позитивните повратни информации носат зголемена
продажба. На почетокот на годината, лансирани се два нови производи на пазарот ‚100 отсто леб
од цело зрно’, кои се дел од најбрзорастечката категорија на високонутритивни
лебови, кои ги надминуваат проектираните резултати и носат поголеми приходи и
профит за компанијата“, се вели во
образложението од компанијата.
Странците не се покажале како некои „фанови“, па лани од „Жито лукс“ биле
извезени производи за 500 илјади евра, што и не е голем износ, а е и намален за
25 проценти во однос на 2023 година.
А, компанијата, покрај како иноватор, лани се покажала како добар домаќин,
па не само што не ги зголемила трошоците на продадените производи, туку и
успеала да ги намали, иако скромно, за 1 процент.
„Останатите
оперативни трошоци се повисоки за 17 отсто и главно
произлегуваат од зголемување на платите на вработените и трошоците за
рекламирање поврзани со процесот на ребрендирање“, објаснуваат од компанијата.
А за подетално да видиме како се трошело, ќе ни помогне Билансот на успех
според природата на трошоците.
Имено, најголемиот трошок нормално се трошоците за суровини и други
материјали, кои изнесувале 9,24 милиони евра, каде има намалување за 7 отсто.
Набавната вредност на трговските стоки изнесеувала 584 илјади евра, што е
раст за 47 отсто, додека за останатите трошоци од работењето се издвоени 607
милиони ев ра.
Секоја компанија која сака лојални вработени се грижи за зголемување на
нивните плати, па така Жито Лукс за таа намена исплатила дури 4,2 милиони евра,
и таму има раст за 13 проценти.
Додека, пак, нормално е да се издвојуваат и трошоци за амортизација, која
поарчила 758 илјади евра, и таму има зголемување од 9 проценти.
Сето ова лани на Жито Лукс му донесе одлична бруто добивка од 7,26 милиони
евра, што е раст за 14 отсто во однос на една година претходно. Притоа,
компанијата направила административни трошоци од 1,11 милиони евра, кои се
зголемени за 9 отсто, како и трошоци за продажба и маркетинг, односно
дистрибуција од 5,1 милиони евра, при што кај нив има раст за 19 проценти.
Или, после овие расходи на Жито лукс му останува оперативна добивка од 905
илјади евра, каде има изразен раст за 37 проценти.
Финансиските приходи се 48 илјади евра, и кај нив има пораст од 163 отсто,
додека, пак, финансиските расходи изнесувале 351 илјади евра, и тие се
зголемени за 27 отсто.
„Финансиските расходи се
зголемени за 27 отсто, како резултат на новиот инвестициски заем поврзан со
тековните капитални расходи“, објаснуваат од Жито Лукс.
Значи, добивката од работењето е над 602 илјади евра, додека, пак, по
плаќањето на данокот, како чист профит на Жито лукс му остануваат 529 илјади
евра, и притоа можат да се пофалат дека овој резултат им е подобар за дури 60
отсто во однос на претходната 2023 година.
Компанијата инвестирала во
модернизација на производствениот процес, согласно планот за капитални
инвестиции за 2024 година, па вкупните инвестиции изнесуваат 1,7 милиони евра.
„Во следната 2025 година, компанијата влегува со
исто така агресивен инвестициски план со цел поддршка на новите иницијативи.
Главниот фокус ќе биде ставен на развивање нови производи базирани на тековните
пазарни трендови и навиките на нашите потрошувачи. Иновациите се насочени кон
производи со додадена вредност,
функционални и премиум
лебови кои нудат дополнителна корист за потрошувачот и придонесуваат за нивната
севкупна благосостојба“, ги споделуваат од компанијата своите планови преку Берзата.
Н.Н.Ф.