
Збогум за Атина Апостолова, доајен на македонската народна музика
Почина македонската фолк пејачка Атина Апостолова, доајен на македонската фолк музика. Веста за нејзината смрт ја објави пејачката Вики Среброва, која долги години беше нејзина пријателка.
Пејачката починала ненадејно, а во овој момент во нејзиниот дом има присуство на полиција и брза помош.
Таа неодамна имала операција на срцето, но се поминало во најдобар ред.
Атина Апостолова е родена на 20 мај 1946 година во Скопје, дипломира на Економскиот факултет во Скопје. Таа е македонска пејачка на народна музика. Позната е по песните Запејте мераклии, Цела вечер ќе ти пејам, Верувај ми, Усни румени, Те видов, и се заљубив, Иле Илија и многу други. Таа имала турнеји во Австралија, Канада и Америка.
Во Австралија има настапувано со Круме Спасовски, Никола Бадев и Александар Сариевски. Има одлична соработка со: Ванчо Тарабунов, Ефто Пупиновски и Милан Завков.
Во својата долгогодишна кариера има испеано неколку дуети со: Ванчо Тарабунов (Верувај ми) и Ефто Пупиновски (Скопските боеми). Во 2023 година на Фестивалот “Тумба Фест” Куманово ја добива наградата за животно дело.
