
Завршува владината мерка за маржи: Пазарниот инспекторат на терен од 1 мај
Мерката со која Владата ги ограничи бруто-профитните маржи за над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, денеска официјално завршува. Одлуката беше донесена во февруари со цел да се спречи ценовен шок, а важеше до 30 април.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја оцени мерката како успешна, посочувајќи дека според податоците од Државниот завод за статистика, во март била забележана дефлација од 1,3 проценти во сегментот на храна и пијалаци. Трендот на намалување на цените, според него, продолжил и во април.
Сепак, по укинувањето на мерката, надлежните институции ќе бидат на терен. Државниот пазарен инспекторат од утре (1 мај) ќе започне со засилени контроли за да се следи евентуално драстично зголемување на цените.
Доколку се утврди дека трговците прекумерно ги покачуваат цените, министерот Дурмиши најави дека Владата е подготвена да реагира со нови, построги мерки.