
Заврши вториот ден од гласањето во Русија, излезност 55,1 отсто
Излезноста на руските претседателски избори на вториот ден од гласањето до 20:19 часот по московско време изнесува 55,1 отсто, објави Централната изборна комисија на својата веб-страница.
До 16:13 часот по московско време, на гласање излегле 50,01 отсто од гласачите, јави агенцијата РИА Новости.
Агенцијата потсетува дека на претседателските избори во 2018 година, кога се гласаше само еден ден, излезноста до 10 часот по московско време беше 16,55 отсто, до 12 часот 34,72 отсто, а до 17 часот по московско време 51,9 отсто. По обработката на 99,83 отсто од избирачките места, излезноста надмина 67 отсто.
Советот на Федерацијата закажа претседателски избори за 17 март 2024 година, а годинава ќе се гласа во три дена – 15, 16 и 17 март.
Во четвртокот во 23 часот по московско време беа отворени првите избирачки места во Камчатка и Чукотка, а потоа беа отворени избирачките места во најзападниот регион на Русија – Калининградската област.
Во изборната трка има четворица кандидати – Леонид Слуцки, Николај Харитонов, Владислав Даванков и Владимир Путин, за кои предизборните анкети предвидуваат убедлива победа.
