
Затвореници во Идризово копале тунел – директорот разрешен, Ковачевски вели преземени се мерки!
Затвореници во „Идризово“ копале тунел за бегство. Ова за „Макфакс“ го потврдил и Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции.
Неофицијално, тунелот е во должина од околу 60 метри, а во него имало и потпорни греди. Тунелот се копал околу четири до пет месеци, а осветлувањето било решено со пуштен кабел и светилки.
На терен е увидна екипа на Крим полиција и најавија повеќе детали за подоцна.
Премиерот Димитар Ковачевски за овој настан не сакаше да коментира.
Тој посочи дека тоа е работа на службите кои треба да гарантираат безбедност.
„Информациите за затворот ги имаат службите за безбедноста во државата, вклучувајќи ги МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за извршување санкции и сè што е потребно е преземено во однос на санирање и унапредување на состојбите во КПД ‘Идризово’“, рече Ковачевски.
Инаку, Ковачевски денеска на прес конференција истакна дека досегашниот директор на КПУ Идризово е разрешен, а на негово место ќе застане генерал мајор Зоран Јовановски.
