
ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕН ЗА ДИСКУСИЈА Наставниците ќе добијат 7,5 проценти покачување со мартовската плата

Предлог-законот за високото образование в понеделник ќе биде поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дискусија и давање предлози и сугестии. Тој е еден од пакетот три поврзани закони – покрај него, на ЕНЕР се очекува да бидат поставени и Законот за квалитет во високото образование и Законот за научноистражувачката дејност.
– Во моментот интерес во академската заедница најмногу предизвикуваат критериумите за избор во звања, финансирањето на универзитетите и можностите за напредување на целокупната академска заедница – вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа најави покачување на платите на наставниците во март во согласност со четиригодишниот договор меѓу Владата и СОНК.
– Така како што сме се договориле, не само за оваа година, туку во сите четири години, наставниците ќе добиваат зголемување на платата – мартовската плата, всушност во април, ќе биде покачена за 7,5 проценти – рече Јаневска.
.

