
ВРАЌАЊЕ НА ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ ЗА РАБОТНИЦИТЕ: Левица со нов предлог до пратениците, ќе биде ли овој прифатен?
По одбивањето на вториот обид на опозициската Левица да се намалат патните трошоци на народните избраници, лидерот на партијата сега најавува дека ќе предложат да се вратат патните трошоци за работниците.
– Ок. Чим нејќете да си ги намалите ПАТНИТЕ ТРОШОЦИ како пратеници, веќе следната недела Левица во собраниска процедура ќе поднесе нов предлог-закон за враќање на патните трошоци на РАБОТНИЦИТЕ (оние кои своевремено им ги укина вмровецот Трајко Славески, кога беше министер за финансии, како наводна “оставштина од комунизмот”) – напиша Димитар Апасиев на неговиот фејсбук профил.
Иако неговата објава предизвика позитивни реакции од граѓаните, сепак, сомнежот дека овој предлог ќе биде прифатен во Собранието е голем, особено ако се има предвид дека колаициските партнери се поддржуваат, а од ЗНАМ на гласањето за намалување на патните трошоци напоменаа дека нема да поддржуваат предлози на Левица, бидејќи тие самите креирале проблеми.
Дополнително многу пратеници им „се лути“ на Левица бидејќи беа објавени со износите кои ги подигнале како патни трошоци.
