
ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО, ИМА МАГЛА ПО ПАТИШТАТА! Kaj Неготино видливоста е само 50 метри

Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива по претежно суви коловози, но се препорачува внимателно возење поради намалена видливост поради магла во Повардарието, информира Авто-мото сојузот на Македонија.
Најкритично е на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, каде видливоста е намалена на само 50 до 60 метри. Се препорачува максимално внимателно управување со возилата и прилагодена брзина.
Денеска, со почеток во 10:00 часот, жителите на село Двориште организираат протест со блокада на регионалниот пат Берово – Струмица, на местото викано „Студенецо“. Сообраќајот ќе биде во прекин, па од АМСМ апелираат возачите да користат алтернативни патни правци.
Посебна претпазливост е потребна низ клисурите и речните долини каде е можна појава на одрони, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово
и Кочани – Делчево.
На граничните премини во моментов нема задржувања за влез и излез од земјата. АМСМ потсетува дека е на сила законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
.
