
Во тек предистражна постапка за дивоградбите во Чаир – обезбедена обемна документација и искази!
Јавното обвинителство постапува по предмет оформен по допрен глас, врз основа на медиумски написи, во врска со бесправно изградени објекти на територијата на општина Чаир.
Како што информираат од Обвинителството, во тек е предистражна постапка во рамки на која се преземаат дејствија на проверки. Обезбедена е обемна писмена документација од општина Чаир, Министерството за транспорт и врски, Државниот управен инспекторат, како и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Паралелно, испитани се повеќе лица, меѓу кои и службеници од општина Чаир и баратели на легализација на бесправно изградени објекти. Процесот на обезбедување вербални докази сè уште е во тек.
По завршување на анализата на собраниот доказен материјал, Обвинителството ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука.

