ВНИМАВАЈТЕ: Еве како изгледа лажната СМС порака од „Safe city“ преку која се крадат податоци од граѓаните
Министерството за внатрешни работи упати итен апел до јавноста поради зачестени фишинг напади. Измамниците испраќаат лажни СМС и електронски пораки, претставувајќи се во име на Одделот за моторни возила и системот „Безбеден град“.
На фотографијата е прикажан пример за лажна порака која пристигнува од сомнителна e-mail адреса, а не од официјален сервис на МВР.
Пораката содржи линк (на пр. uslugi.cfd/gov) кој води до страница каде од граѓаните се бара да платат наводна казна за сообраќаен прекршок.
Се користи мамка за „50% попуст“ доколку казната се плати во рок од 8 дена за да се избрза жртвата.
Лажните пораки не содржат конкретни информации за возилото.
За да не станете жртва на кражба на лични податоци или банкарски картички, запомнете ги овие правила:
Официјалните СМС пораки пристигнуваат исклучиво од испраќач со ознака “MVR-SC”.
Текстот мора да ја содржи регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот.
Линкот за плаќање мора да биде во формат: https://safecountry.mvr.gov.mk….
Никогаш не споделувајте лозинки или броеви од картички преку сомнителни линкови и користете двофакторска автентикација (2FA) за заштита на вашите сметки.
Секторот за компјутерски криминал веќе работи на откривање и санкционирање на сторителите кои стојат зад овие измами.