ВНИМАНИЕ, ПАК СЕ ШИРАТ ЛАЖНИ КАЗНИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ Полицијата открива како да ги препознаете
Граѓаните повторно добиваат лажни пораки за сообраќајни казни од системот „Безбеден град“, преку кои измамници се обидуваат да дојдат до нивните лични и банкарски податоци. Министерството за внатрешни работи (МВР) предупредува дека измамничките пораки зачестиле и апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови.
Пораките пристигнуваат преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи. Во нив се тврди дека примателот направил сообраќаен прекршок и дека треба да плати казна.
„Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба“, соопшти МВР.
Министерството предупредува граѓаните да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници. Исто така, да не вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.
МВР потсетува дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ имаат неколку задолжителни обележја.
„Официјалните СМС-известувања се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен safecountry.mvr.gov.mk“, наведува Министерството.
Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки за откривање и санкционирање на лицата што стојат зад измамничките пораки.
.
Извор: plusinfo.mk