
ВМРО-ДПМНЕ СО ЖЕСТОКИ ОБВИНУВАЊА: „СДСМ и ДУИ се пиромани, инспиратори на пожарите во Македонија – и буквално и политички“
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати жестоки обвинувања кон опозицијата, етикетирајќи ги СДСМ, ДУИ и нивните, како што велат, „пиуни како Ана Чупеска“, како „пиромани во служба на злото“. Во острата реакција на ставови на аналитичарката Чупеска, од ВМРО-ДПМНЕ директно ги обвинија опозициските партии дека се „вистинските инспиратори и потпалувачи на пожарите во Македонија, и буквално и политички“.
Според владејачката партија, СДСМ и ДУИ со години ја уништувале државата, а денес, наместо да понудат решенија за кризите, шират паника и глумат жртви.
„Народот одамна препозна дека СДС е во коалиција со темните сили на злото: криминалците, тајкуните и рушителите на институциите“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека опозицијата се обидува да „запали политички пожари“ за да го прикрие фактот дека, според нив, одговорноста за сите катастрофи во државата е нивна.
„Тие ја задолжија Македонија, ја оставија без иднина, ги растераа младите и ја распродадоа честа. Затоа денес ги гледаме како измислуваат сценарија, со треперливи гласови глумат загрозеност и се обидуваат да прикријат една вистина“, реагираат од партијата.
На крајот, од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека „огнот на вистината веќе ги зафатил нивните редови“.
„Времето на пироманите заврши. Следи време на одговорност и правда“, заклучуваат од таму.
