
ВИДЕО „Вардариште“ продолжува да чади – за денеска е најавен нов протест
Депонијата „Вардариште“, која викендов изгоре во голем пожар, и денеска продолжува да чади.
Утрово граѓаните повторно се гушеа од отровните испарувања, за што сведочат фотографии и видеа направени од жител на Аеродром, кој посочува дека ваквата состојба трае веќе три дена. За денеска е најавен и протест.
„На 03.09.2025 во 18 часот, на раскрсницата на булевар АСНОМ со булевар Србија! Дојдете да покажеме колку сме!“, напиша еден жител во граѓанска група на „Фејсбук“.
И покрај долготрајните апели на граѓаните за трајно решение за депонијата, „Вардариште“ и натаму претставува извор на загадување.
Последниот пожар го стави под лупа вниманието на инспекцијата и полицијата, но и на актуелните и кандидатите за градоначалници, кои вчера го посетија просторот со нови ветувања.
Жителите на Ново Лисиче и Аеродром најавуваат дека ќе излегуваат на протести секојдневно, сè додека не се обезбеди итно и трајно решение за депонијата, која со години е симбол на негрижа и политички манипулации.