
ВИДЕО ССМ ЈА НАПУШТИ СЕДНИЦАТА НА ЕСС: Трендафилов најави протести во март, минималецот се зголемува за само 1.600 денари
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја напушти денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), револтиран од предлогот минималната плата да се усогласи за само околу 1.600 денари. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку социјалните мрежи обвини дека Владата, работодавачите и останатите синдикати застанале на иста страна против реално зголемување на примањата на работниците.
Според Трендафилов, денеска имало обид законското усогласување на минималната плата да се протурка без суштинска дебата за реалните потреби на работниците.
Првиот синдикалец не го криеше своето разочарување од ставот на останатите чинители во социјалниот дијалог, потенцирајќи дека работниците останале без соодветна поддршка дури и од другите синдикални организации.
Како одговор на ваквиот развој на настаните и одбивањето за реално зголемување на минималната плата, ССМ најавува радикализација на своите чекори и активирање на членството преку јавни собири.
