
ВИДЕО По пожарот во фабриката „Винчини“ без работа остануваат 400 работници
Најмалку 400 работници од фабриката за кондиторски производи „Винчини“ во Виница остануваат без работа, откако синоќа во пожар до темел изгореа производствениот погон, магацините со готова роба и административниот дел од фабриката.
Ова се смета за најголемиот економски удар врз Виница досега, имајќи предвид дека фабриката вкупно вработуваше околу 500 лица. Дел од нив, околу стотина, ќе може да бидат ангажирани во дисперзираните погони, но останатите се во состојба на целосна неизвесност.
Според првичните проценки, штетата за сопствениците е милионска, а точната вредност ќе биде позната откако осигурителните компании ќе извршат процена на лице место.
Фабриката „Винчини“ располагаaше со современа роботизирана технологија за производство, што овозможуваше извезување на производите во 54 земји ширум светот.
Минатата година компанијата беше најголемиот извозник на кондиторски производи во Македонија, со извоз во вредност од 35,8 милиони евра.