
ВИДЕО ОД ЗАПЛЕНЕТИТЕ 40 ТОНИ МАРИХУАНА Владата најави комисија, истрагата продолжува со Обвинителството за организиран криминал
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски денеска информираа дека во рамки на истрага се одземени 40 тони марихуана, која, како што беше посочено, била произведувана и складирана спротивно на законските прописи.
Тошковски изјави дека станува збор за марихуана која била констатирана од страна на комисија при Министерството за здравство дека се произведувала, складирала и чувала надвор од утврдените протоколи и услови.
„Незаконски е третирана од страна на фирмите од каде што беше одземена, по што истата ја складиравме привремено во простории на Министерството за внатрешни работи, со цел да биде искористена во доказната постапка“, рече министерот.
Тој додаде дека истрагата продолжува во соработка со Обвинителството за организиран криминал и другите надлежни обвинителства во земјава, со цел целосно да се утврди фактичката состојба и да се расчисти случајот.
Според Тошковски, последиците од, како што наведе, „негрижа и катастрофален однос од минатото“ денес предизвикуваат сериозни штетни последици, но изрази уверување дека институциите ќе постапат соодветно за да се отстрани незаконски произведената дрога, која, како што рече, крајната цел ѝ била да заврши на македонските или европските улици.
Премиерот Мицкоски истакна дека запленетите 40 тони цвет од канабис се резултат на, како што рече, погрешни политики од минатото и најави дека на седница на Владата ќе биде донесена одлука за формирање комисија и тим кои ќе влезат во повеќе правни субјекти.
„Ќе се испита работењето и ќе се констатира фактичката состојба – кои правни субјекти работеле согласно закон, а кои го злоупотребиле или изиграле законот“, изјави Мицкоски.
Тој порача дека нема да има компромис со беззаконието и дека никој не е над законот, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи со сите свои човечки и институционални капацитети ќе се справи со криминалот.
„До сите кои мислат дека криминалот е исплатлива работа – можеби било така во некои други времиња, но денес криминалот не се исплати. Ќе бидете пронајдени и жестоко казнети“, нагласи премиерот.
Владата најави дека ќе продолжи борбата против организираниот криминал, корупцијата и сите форми на незаконско постапување.

