
ВИДЕО „Не дозволуваме децата да ни бидат под видеонадзор на комшиските камери“ – протест на жителите на улицата Финска поради повеќегодишното самоволие на лицето Синан Хасани
Попладнево жителите на улицата Финска излегоа на мирен протест, изразувајќи незадоволство од, како што велат, повеќегодишно самоволие и нарушување на јавниот ред и мир од страна на едно лице – Синан Хасани.
Според граѓаните, проблемите траат подолг период и вклучуваат поставување камери насочени кон приватни имоти, прекини на канализација, прскања со штетни материи во дворовите, како и закани и навреди.
„По втор пат денеска излеговме на мирен протест со цел да апелираме дека живееме во опасност. Сите ние овде имаме проблем со истиот нечовек,“ изјавија граѓаните.
Протестот помина мирно, а жителите носеа плакати со пораки: „Институциите не си ја вршат работата“, „не дозволуваме децата да ни бидат под видеонадзор на комшиските камери“ и други.
Жителите најавија дека доколку институциите повторно не реагираат, ќе продолжат со протести сè додека не се реши проблемот и не се врати нормалниот соживот во нивната улица.