
ВИДЕО Кучето кое беше измачувано од дете е одземено – не било идентификувано со микрочип и не било вакцинирано!
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центарот за социјални работи Охрид и Министерството за внатрешни работи, спроведоа инспекциски надзор по објавено видео на социјалните мрежи, во кое, како што може да се забележи, дете измачува куче.
По објавата на видеото, до Агенцијата во текот на вчерашниот ден биле доставени повеќе иницијативи од граѓани со барање за спроведување вонреден инспекциски надзор, по што АХВ веднаш постапила.
Со извршениот надзор било утврдено дека кучето не било идентификувано со микрочип и не било вакцинирано, што претставува прекршување на законските обврски. Поради утврдените неправилности, на сопственикот ќе му биде изречена соодветна парична казна.
Како инспекциска мерка, поради нарушена благосостојба на животното, малтретираното куче е одземено од сопственикот, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

