
ВИДЕО Голем пожар во Желино, постојат сомнежи за подметнување
Голем пожар избувна доцна попладнево во Општина Желино, при што брзо се проширил поради сувата вегетација и ветрот. Според неофицијални информации постојат докази дека пожарот е намерно подметнат.
Првичните сознанија укажуваат дека на терен се пронајдени гуми полеани со нафтен дериват, кои биле запалени и пуштени да се тркалаат по зелениот појас, што предизвикало нагло ширење на огнот по сувата трева.
На терен интервенираат повеќе противпожарни единици.
Ова не е единствен пожар во моментот – активни се уште шест други пожари низ државата, а според податоци од Министерството за внатрешни работи, веќе се уапсени неколку лица осомничени за подметнување пожари, кои биле фатени во обид да запалат шумски појаси.
Владата и МВР претходно изразија сомнеж дека пожарите кои избувнаа изминатите денови не се случајни, туку се организирани акти со цел предизвикување хаос во државата.
Истражните органи работат на обезбедување дополнителни докази и идентификација на сторителите. Властите апелираат до граѓаните да пријавуваат сомнителни активности и да се воздржат од какви било дејства што можат да доведат до пожари.
