
Утре прекин на сообраќај на неколку регионални патишта во земјава поради велосипедски трки
На 22 јули 2025 година, поради одржување велосипедски трки, ќе има целосно запирање на сообраќајот на неколку регионални патишта во земјава, информира Министерството за внатрешни работи.
Од 08:00 до 16:00 часот ќе се одржи трката ХРОНО, поради што сообраќајот на регионалниот пат од раскрсницата за с. Драгоманце до Меморијалниот центар АСНОМ во с. Пелинце ќе биде целосно запрен.
Од 08:00 до 17:00 часот, во ист ден, ќе се обезбедува велосипедски тренинг МОУНТАИН БАЈК, при што сообраќајот на патот во с. Добршане (регионален пат за Свети Николе) до местото викано Студена Вода ќе биде запрен.
Дополнително, повремено затворање на регионалниот пат Куманово – ГП Пелинце е планирано и за наредните три дена: 22, 23 и 24 јули.
На државните патишта сообраќајот се одвива по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. На ГП Табановце се бележи поголема фреквенција на возила во двата правца, со чекање од 15 до 30 минути. На останатите гранични премини нема значителни задржувања.
АМСМ апелира до возачите да се движат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде постои ризик од одрони – посебно на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.