
Љутков: Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет!
Мајчиниот јазик е темел на идентитетот и чувар на културното наследство, истакна министерот за култура Зоран Љутков на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Нашиот јазик е јазик на вековите, истрајноста и гордоста. Тој е нашата приказна, нашето наследство што треба да го негуваме и зачуваме, нагласи Љутков.
Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, посочи дека иако на многу мали јазици им се заканува исчезнување, македонскиот не е загрозен бидејќи зад него стојат 80 години институционална поддршка, настава, уметност и издаваштво.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прогласен од УНЕСКО во 1999 година, ја промовира јазичната разновидност и се одбележува во чест на студентите загинати во Бангладеш во 1952 година, борејќи се за својот јазик.