
Украина: Четири руски ракетни фрлачи на Крим се тешко оштетени
Во вчерашниот УКРАИНСКИ напад на воениот аеродром на Крим, кој е под руска окупација, сериозно се оштетени четири ракетни фрлачи, три радарски станици и друга опрема, соопшти денеска украинската воена разузнавачка агенција.
„Меѓу уништената или сериозно оштетената опрема има четири ракетни фрлачи земја-воздух С-400 и контролен пункт за воздушна одбрана лоциран во воздухопловната база Џанкој“, објави агенцијата на Телеграм.
Се уште се проверува колку авиони се оштетени или уништени во нападот.
Наводни силни експлозии во Џанкој
Неколку Телеграмски канали вчера објавија силни експлозии во Џанкој, но Ројтерс не можеше да ја потврди информацијата, а нема официјален коментар од Русија.
Украинската агенција не објави никакви информации за средствата користени во нападот, кој беше оценет како „успешен“. Претседателот Володимир Зеленски претходно и се заблагодари на армијата што учествуваше во операцијата за нивната прецизност.
Руските трупи неодамна ги засилија нападите со балистички ракети врз Украина од регионот на Крим, кој Москва го зазеде и го окупираше во 2014 година.
