
УКИНАТИ ЦАРИНИ: Какви мерки презема Швајцарија за да ја намали скапотијата?
Швајцарските власти преземаат мерки против скапотијата. Швајцарија ги укина царините за увоз на индустриски производи за да ги намали потрошувачките цени.
Увозниците повеќе нема да плаќаат царини за производи за широка потрошувачка и за суровини, полупроизводи и машини. Царините за увоз на земјоделски производи остануваат во сила, информираат од Министерството за економија (СЕКО).
Со тој потег државата ќе загуби околу 600 милиони швајцарски франци (645 милиони евра) годишен приход. Поволниот ефект врз економијата и граѓаните беше проценет на 860 милиони франци (924 милиони евра).
Сумата вклучува 490 милиони франци заштеда за фирмите на царина и повеќе од 100 милиони за административни процедури.
Експертот за СЕКО, Томас Цимерман вели дека во последните години царините сочинуваа само околу 1,5 отсто од државните приходи, а тие ја намалија конкурентноста на швајцарската економија и поддржаа високо ниво на цени, значително повисоки отколку во соседните земји.
Швајцарија има склучено договори за слободна трговија со Европската унија и уште 43 земји или групи земји. Инаку, Швајцарија важеше за една од побогатите земји на глобално ниво.
foto freepik.com/kavalenkava
