
Угостителите бараат пролонгирање на законот против пушење, лекарите се против
Министерството за економија се подготвува за нов состанок со угостителите и здравствените работници околу предлог-законот против пушење во јавни простории, откако угостителите побараа пролонгирање на неговата примена. Тие предлагаат прво да се спроведе информативна кампања за граѓаните, а дури потоа законот да стапи на сила.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека сите опции ќе бидат разгледани на состанокот што ќе се одржи наредната недела. „Нашата цел е да го сочуваме јавното здравје. На состанокот ќе разговараме со сите засегнати страни и на крај ќе донесеме одлука прифатлива за сите, вклучувајќи ги и угостителите“, изјави Дурмиши.
Лекарите, меѓутоа, се децидни дека законот не смее да се одложува. Тие истакнуваат дека се работи за директна заштита на граѓаните, особено на вработените во угостителските објекти кои секојдневно дишат чад, како и на младите кои се почесто започнуваат со пушење.
„Статистиката покажува дека консумирањето на тутун започнува веќе на возраст од 12 до 14 години, а се зголемува и користењето на електронски цигари, кои имаат сериозни долгорочни последици по белите дробови на младите. Нашата цел е да ги заштитиме како младите, така и возрасните, бидејќи пушењето е главна причина за појава на белодробен карцином“, истакна проф. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Лекарите предлагаат и воведување еден час неделно во училиштата за едукација за штетноста од цигари и електронски уреди за пушење. Иако постои центар за одвикнување од пушење, бројот на граѓани кои бараат помош е мал, а уште помал е бројот на оние кои целосно се откажуваат од пушење. Предлог-законот е веќе објавен на Единствениот национален електронски регистар (ЕНЕР).
