
Уапсена пејачката Џејла Рамовиќ и членови на музичкиот бенд во Кичево
На 29 и 30 ноември 2025 година, ОВР Кичево и РЦГР Запад, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Државниот трудов инспекторат, спроведоа засилена акциска контрола во угостителски објекти во Кичево, согласно претходно изготвен план.
При контролата на угостителски објект лоциран на магистралниот пат Кичево-Охрид, беа затекнати пејачката Џејла Рамовиќ (23) и членовите на музички бенд К. Џ. (27), Е. П. (25), Ф. Ј. (28) и И. К. (24), сите од Босна и Херцеговина, кои вршеле работа без претходно обезбедена работна дозвола. Ова претставува прекршок согласно член 23 став 3 од Законот за странци (Службен весник на РМ, бр. 97/2018 и 108/2019). За случајот им е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево и им се изречени казни според член 217, став 1, точка 2 од истиот закон.
Од Државниот пазарен инспекторат истакнуваат дека во пресрет на претстојните празници и поради зголемениот број прослави ќе продолжат засилените инспекциски надзори во угостителските објекти, со цел спречување на нерегуларности и заштита на гостите.
Инспекторатот апелира до угостителите да ги почитуваат законските обврски, особено во делот на дозволениот број на гости, работното време, законот за заштита од пушење и сите други законски одредби. За непочитување на законите, ќе се превземаат соодветни мерки и санкции.
Граѓаните се повикуваат секоја неправилност да ја пријават на телефон 191 или преку веб-страницата www.dpi.gov.mk.
