
УЈП спроведе 214 контроли: Привремено затворање за четири фирми поради неиздавање фискални сметки
Во периодот од 28 јули до 3 август, Управата за јавни приходи (УЈП) реализираше вкупно 214 теренски контроли низ повеќе градови во државата, насочени кон различни деловни субјекти – од ресторани и кафе барови, до продавници за облека и паркинзи. Акцентот беше ставен на туристичките места, каде летната фреквенција е зголемена.
Од вкупниот број контролирани субјекти, неправилности во работењето се утврдени кај 66 од нив, што претставува 30,8% од вкупниот број. За овие прекршоци се изречени соодветни глоби, а кај четири субјекти – три од Охрид и еден од Струга – беше изречена и мерка за привремена забрана за вршење дејност поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години.
УЈП упати апел до сите даночни обврзници да постапуваат согласно законските прописи и да издаваат фискални сметки. Од институцијата потсетуваат дека користењето фискални апарати не е само законска обврска, туку и основа за транспарентно и одговорно деловно работење.
Дополнително, УЈП ќе спроведе вкрстени проверки за проверка на веродостојноста на пријавените приходи кај даночните обврзници.